Арселор Митал оствари профит по три квартала загуби - 28.10.2009
Компанијата забележа чист профит од 903 милиони долари
Најголемиот светски производител на челик „Арселор Митал“ соопшти дека во третиот квартал оваа година, по три квартала загуби, конечно оствари чист профит од 903 милиони долари, што е, меѓутоа, за 76 отсто помалку од истиот период лани.
Како причина за добрите резултати во работењето на оваа мултинационална компанија, која настана со спојувањето на индискиот „Митал стил“ и луксембуршкиот „Арселор“, се наведуваат даночните олеснувања, наведуваат светските агенции.
Компанијата додаде дека очекува умерено подобрување на работењето во последните три месеци од 2009 година.
Прометот на компанијата во третиот квартал е намален речиси за половина, на 16,18 милијарди долари, од ланските 35,19 милијарди долари. Во вториот квартал прометот на „Арселор Митал“ беше 15,17 милијарди долари.
Компанијата соопшти дека постепено го обновува работењето на челичарниците и високите печки кои ги згасна кон крајот на минатата година, наведувајќи дека во второто тримесечје од годината работеше со 50 отсто од капацитетите, во третиот со 61 отсто, а во последниот квартал очекува раст на 70 отсто.